САД воведуваат нови санкции против руската платеничка група Вагнер

Американското Министерство за финансии ја означи руска приватна платеничка организација „Вагнер“ која е силно вклучена во војната во Украина, како значајна транснационална криминална организација и воведе голем број санкции на транснационалната мрежа што ја поддржува, јави СНН.

Стејт департментот на САД истовремено објави голем број санкции кои треба да ја „таргетираат клучната инфраструктура на Вагнер – вклучително и воздухопловната компанија што ја користат, како и компании од фронтот на Вагнер“.

„Персоналот на Вагнер бил ангажиран во сериозни криминални активности, вклучувајќи масовни егзекуции, силувања, киднапирање деца и физичко малтретирање во Централноафриканската Република и Мали”, се вели во соопштението на Министерството за финансии на САД.

Advertisements

Со санкциите се замрзнува секој американски имот кој „Вагнер” може да го има и им забранува на државјаните на САД да обезбедуваат средства, стоки или услуги за групата.

Американското Министерство за финансии, исто така, воведе дополнителни санкции за „Вагнер”, обвинувајќи ја групата дека е одговорна или е соучесник во принудното раселување на цивилите и нападите врз болниците во Централноафриканската Република.

Вашингтон наведе и други ентитети кои ги обвинува дека ги поддржуваат воените операции на Вагнер групата во Русија, вклучително и акционерското друштво „Тера Тех” со седиште во Русија и Институтот за истражување на вселенски науки и технологија „Чангша Тиани” во Кина.

„Денешните проширени санкции кон „Вагнер”, како и новите санкции за нивните соработници и други компании кои го овозможуваат рускиот воен комплекс, дополнително ќе ја попречат способноста на Путин да ја вооружи и опреми својата воена машина”, рече министеката за финансии Џенет Јелен.