За Гоце Делчев речиси и да не дискутираме сериозно можеби една година. Во вакви услови на екстремно заладени односи, со многу висока тензија, многу тешко е комисијата да работи спокојно и мирно на Гоце Делчев, вели Драги Ѓоргиев, копретседател на македонско-бугарската комисија за историски и образовни прашања, во интервју за Гласот на Америка.
„Идејата на заедничко чествување на било која личност не само на Гоце Делчев се базира на тоа да уште повеќе ги смири и релаксира односите меѓу двете држави, да придонесе кон подобро сфаќање на двата народи и на двете општества. И таа е основната идеја не само на нашата комисија, туку и на сите комисии кои работат на ваков начин, односно покрај учебниците имаат како своја агенда и заедничко чествување на одредени личности, околу кои постојат различни видувања, меѓутоа тие се споделени историски личности. Во овој момент ситуацијата мислам дека не е таква, која ќе овозможи било какво решение на комисијата, кое ќе придонесе уште повеќе да се смират односите и тргнат во вистински правец односите меѓу Македонија и Бугарија“, вели Ѓоргиев.
Тој оценува дека мора политичките односи меѓу Македонија и Бугарија да бидат на едно високо ниво со цел и комисијата да постигне одреден напредок, пред сè во однос чуствителните теми како што е Гоце Делчев.