Белоруски антивладини активисти ја презедоа одговорноста за, како што рекоа, напад со беспилотно летало врз руски воен авион во близина на Минск. Одговорноста за нападот на рускиот извидувачки авион А-50 на Телеграм ја презеде Аликсандар Азаров, шеф на антивладината организација БИПОЛ.
БИПОЛ соопшти дека во вчерашниот напад се оштетени предните и централните делови на авионот, како и неговиот радар и антена.
Саботажата беше извршена во воздухопловната база Мачулишчи во близина на белорускиот главен град Минск. Азаров рече дека операцијата била подготвувана неколку месеци.
Од почетокот на руската инвазија на Украина, имаше неколку чинови на саботажа во Белорусија и во руските региони кои граничат со Украина, особено на железничкиот систем. Иако Белорусија не учествува директно во руската војна против Украина, на почетокот на инвазијата пред една година, таа и дозволи на Русија нејзината територија да ја искористи за нападот.