Италијанскиот мафијашки бос Марко Радуано побегна од својата ќелија во затворот со максимална безбедност „Баду е Карос“ на Сардинија.
Објавена е и снимка од неговото бегство. Кратко по неговото бегство, во неговиот роден град Виесте бил организиран огномет. Локалниот градоначалник изјави дека прославата не е поврзана со бегството на мафијашот.
Бегството на 40-годишниот мафијашки бос Марко Радуано од затворот „Баду е Карос“ на Сардинија поминало два часа незабележано бидејќи во моментот на неговото бегство, наводно, немало доволно луѓе и никој не ги следел безбедносните камери. На социјалните мрежи се појави снимка од шефот на мафијашкиот клан „Сакра Корона Унита“ во тренерки како се спушта низ камен ѕид, користејќи јаже направено од постелнина пред да скокне на тревата испод и избега на слобода во малиот медитерански град Нуоро.
Come fa un boss mafioso a evadere da un carcere di massima sicurezza? Calandosi con le lenzuola annodate dal muro di cinta. È successo a Nuoro con la fuga di Marco Raduano pic.twitter.com/XJOyWf1OGS
— Marco Fattorini (@MarcoFattorini) February 26, 2023
„Ова смело бегство од еден од најбезбедните италијански затвори се случи поради недостаток на персонал“, изјави шефот на синдикатот Џовани Вила за „Il Messaggero“.
Само 50 чувари ги надгледуваа 180-те затвореници во комплексот, од кои многумина озлогласени италијански убијци и мафијаши.
Радуано бил примерен затвореник кој својата работа во библиотеката на горниот кат од установата ја искористил за да го проучува распоредот на чуварите кои патролирале во затворот и според тоа го прилагодил своето бегство, пишува New York Post.
„Затвореник од Пуља на дрзок начин побегна од еден од најбезбедните затвори во Италија. Се чини дека имал сè подготвено и добро го испланирал бегството“, изјави Вила.
„Со месеци укажуваме на недостигот од кадар и тоа е главниот фактор кој ја загрози безбедноста“, додаде Вила.
Радуано беше уапсен во 2018 година и осуден на 18 години затвор за шверц на кокаин. Покрај тоа, тој се соочуваше со обвинение за убиство. Тој беше шеф на група која во Италија била позната по убиства со пушки во главата на жртвите, со цел да не бидат отворани ковчези на погребите.