За народот леб од 33 денари, а за министрите плати од 1.800 евра – протест на вработените во Министерството за култура

Вработените во Министерството за култура, Управата за заштита на културното наследство и Агенцијата за филм протестираат речиси една недела и бараат средба со министерот за финансии Фатмир Бесими за да го одобри Колективниот договор според кој сите вработени по принципот на Министерството за финансии, ќе добијат зголемена плата во износ од 30 отсто.

Претседателот на Синдикалната организација на УПОЗ при Министерството за култура Бранко Костовски вели дека културата останува на маргините и дека концептот на мирни протести не допира до свеста на надлежните што дополнително ги мотивира да продолжат со борбата и да ги поттикнат и другите колеги да им се приклучат во остварувањето на целта – достоинствена плата за вработените.

„Ако функционерите можат да добијат покачување на платите од 78 отсто, можеме и ние барем за 30 отсто. Останавме држава со највисока инфлација и со најниски плати. Останавме држава каде очигледно е дека нашиот работодавач, Владата и министерствата, не се секираат за вработените туку само за нивниот џеб. Ние добивме леб од 33 денари, а министрите плата од 1.800 евра со која ќе можат да си купат што сакаат, вели Трпе Деаноски од Синдикатот на УПОЗ на денешниот протест на вработените во Министерството за култура, Управата за заштита на културното наследство и Агенцијата за филм пред зградата на Владата.

Advertisements

Синдикалците велат дека не бараат преку леб погача, туку тоа што им следува, по примерот на вработните во ресорот финансии.

Платите на скоро 70% од вработените во овие три институции се под просечната плата во Македонија, а разликата со платите на вработените на истите позиции во установите од областа на културата е и по 10.000 денари поголеми, велат од Синдикатот.