Имаме јасна визија и цел – Македонски концепт ја промовира партиската доктрина

Растот на партијата е незапирлив, со јасна визија и цел. Нема да застанеме до целосна реализација на нашата визија, впишана во нашата Доктрина. За таа цел, ова што вечерва го започнавме тука во Скопје, продолжува низ цела Македонија, порачува политичката партија Македонски концепт која вчера на Меѓународниот ден на човечката солидарност, ја промовираше партиската Доктрина.

Како што објаснуваат од партијата, тоа е клучен стратешки документ, кој ќе биде целосно достапен на јавноста, ја одредува партиската идеологија и истиот ќе биде рамка за следните изборни програми.

Advertisements

Новата политичка партија Македонски Концепт се декларираше како прогресивна десница, а за своја официјална идеологија – прогресивниот патриотизам.

На промоцијата свое обраќање имаше националениот тим лидер на Македонски концепт, Петар Богојески кој истакна дека големиот број на присутни на настанот е доказ дека граѓаните го согледале излезното решение, кое е уникатно и го нуди само таа партија и дека успехот им е на дофат со можност да се запишат со големи букви во македонската историја.

Свои обраќања имаа и д-р. Оливера Клинчарова, член на Извршниот Тим на  Македонски Концепт, која ја истакна грижата за квалитет на живот на реалниот човек во земјава и м-р. Владимир Бангиевски, тим лидер на Политичката Академија на Македонски концепт, истакнувајќи ја важноста на новата Доктрина во која сите членови и симпатизери се убедени и веруваат.

Обраќања имаа и низа партиски тим лидери на повеќе партиски структури, вклучително и од дијаспората од САД и ЕУ, како добитници на Благодарници за нивното активно учество во процесот на регистрација на партијата.