Левица: Цехот за децениската негрижа во противпожарната заштита го плаќаат македонските шуми и планини

Години наназад властите никако не успеваат да се справат со пожарите во летниот период! Лекциите од претходните години ги немаме научено, вели Левица и потсетува дека само во последнава недела ширум земјава избувнаа 11 големи пожари, а во моментов се активни четири.

Од нив, најголем и активен веќе шест дена е оној на планината Серта кој се заканува да ги зафати куќите во блиските населени места. Пожарот се шири и кон Воениот полигон – Криволак, а е активен во три крака кон: Неготино, Конче и Штип.

Advertisements

„Состојбата со пожарот на Серта е повеќе од алармантна! Изгорени се илјадници хектари шума. Необновените ресурси за борба со пожарите не се доволни и не можат да се справат со пожарите кои избувнаа, а властите пропуштија уште една година за обезбедување на истити, па така одново чекаме да стигне помош од странство и волонтери да ги гаснат нашите пожари!

Државата е доведена во состојба да не може да превенира и да се справува со пожарите во летниот период. Секоја година се прави ненадоместлива штета на природата – за ова мора да има одговорност!

За системската негрижа на ДПМНЕ и СДСМ и неинвестирање во системот за противпожарна заштита, данокот го плаќаат македонските шуми, планини и полиња!

Уште позагрижувачка е состојбата дека и оние скромни ресурси кои ги имаме, ер – тракторите, не се користат поради недостаток на пилоти!“, се вели во партиското соопштение.

Пред неколку недели Левица предупреди за ваквата очајна состојба во која се наоѓа системот за противпожарна заштита, почнувајќи од недостатокот на пилоти за канадерите до застарената опрема и недоволниот број на пожарникари.

„Сметаме дека сегашната состојба е последица на несовесното работење на владеачките елити, но и забавените и несоодветни реакции на Кризниот штаб изминатата седмица! Потребно е итно ставање на сите ресурси во насока на локализирање на пожарот, а потоа – понесување ОДГОВОРНОСТ за целата ситуација и итно купување на нова противпожарна опрема, обука на пилоти за ер – тракторите и зголемување на бројот на пожарникари“, предлага Левица.