„Нема да барам 100 дена меден месец, државата е во клиничка смрт“ – Мицкоски најави нови инвестиции, помали даноци, поголеми пензии

Од она што го дознаваме за состојбите во државата, ситуацијата е рамна на клиничка смрт во повеќе клучни области, девастирана до мера на непрепознатливост каде институциите се доведени пред буквална пропаст и незапаметена нефункционалност. И за се ќе биде известена јавноста, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во експозето како мандатар за новата влада на денешната собраниска седница.

Мицкоски додаде дека ова не го говори како изговор туку дека одлучно ќе се одговори, затоа што оваа генерација нема опција за неуспех и заедно ќе мора да направиме големи чекори напред.

Advertisements

– И затоа нема да барам никакви 100 дена меден месец, туку најавувам фуриозен почеток на проекти и нови инвестиции веднаш. Впрочем немавме ниту една секунда изминатиов период. Веќе во вторник најавувам нова инвестиција над 400 милиони евра, потоа ќе ги намалиме даноците, покачиме пензиите, ќе обезбедиме пари за капитални проекти. Доста времето се трошеше на измислени теми, и етнички прашања, време е да се засукаат ракавите решат проблемите и ова да биде влада на економија и развој. Тоа го сакаат сите, истакна Мицкоски.

Мицкоски потенцираше дека носечка цел е да се обнови довербата во институциите на државна власт, да се елиминира корупцијата и да се обезбеди владеење на правото.

„Централно место во нашата животна мисија е економското заживување. Ќе започнеме нов силен циклус на економски раст, поттикнат од стабилни јавни финансии. Поддршка за конкурентен приватен сектор и значајни инвестиции во иновациите и во информатичката технологија. Нашата цел е да создадеме продуктивни и добро платени работни места, да ја намалиме невработеноста и да поттикнеме средина каде што бизнисите можат да се развиваат“, рече Мицкоски.