СДСМ сака да ги исклучи и Славјанка Петровска и Фатмир Битиќи?

На вчерашниот состанок на Извршниот одбор на СДСМ било побарано од партијата да бидат исклучени и пратениците Славјанка Петровска и Фатмир Битиќи, дознаваме од партиски извори.

Оваа иницијатива дошла откако претходно паднал предлог да се иницира постапка за исклучување на Петре Шилегов за која лидерот на СДСМ, Венко Филипче, изјави дека таквата одлуката на Извршниот одбор е донесена едногласно, по направени внатрепартиски проверки.

Засега нема официјална потврда дали партијата ќе почне постапка за исклучување од нејзините редови и на Петровска и Битиќи, но нашите извори велат дека некои членови на Извршниот одбор без да наведуваат кој стои за таквиот предлог ја застапуваат оваа иницијатива.

Лидерот на СДСМ Венко Филипче денеска на прес конференција изјави дека нема да дозволи никој да ја дели партијата, а наведе и дека одлуката за исклучување на Шилегов била донесена со консензус.

Одлуката на СДСМ доаѓа по гостувањето на Шилегов во емисијата „Тема на денот“ на ТВ Сител, каде што тој изјави дека СДСМ кадровски се испразнил и најави дека поголема група социјалдемократи наскоро ќе побараат оставка од актуелното раководство.

Минатата година СДСМ го исклучи од членство поранешниот потпретседател Јован Деспотовски, со образложение дека дејствува против интересите на партијата и дека соработува со политички структури блиски до ВМРО-ДПМНЕ и до ЗНАМ.

Advertisements

Партијата пред 4 месеци го исклучи и членот на Советот на Општина Карпош, РадославТрошановски, „поради непочитување на одлуките и ставовите на СДСМ и работење спротивно на интересите на партијата“.