Трилинг од филмови на Ристески, Манчевски и Драгојевиќ за почеток на филмската програма во Кинотека

„Снежана на крајот умира“, „Кајмак“ и „Од рајот“ се трите наслови со кои Кинотека на Северна Македонија ја започнува филмската програма во 2023 година.

„Кајмак“ на Милчо Манчевски и „Снежана на крајот умира“на Кристијан Ристески имаа одличен одѕив кај публиката, па практично на барање на филмофилите овие два наслови одново се на нашата филмска програма“, велат од Кинотека.

Advertisements

Од таму посочуваат дека кон нив го придружуваат и новиот наслов на секогаш интригантниот автор Срѓан Драгојевиќ, црната комедија „Од рајот“.

По овој мини-вовед во кинотечната Нова година, следува Кино утро со филмски наслови наменети за младата публика.

„Снежана на крајот умира“ е дебитатнски филм на Кристијан Ристески, а со неговата премиера се затвори минатогодишното 43-то издание на Фестивалот на филмската камера „Браќа Манаки“ во Битола.

„Седум луѓе живеат во време и простор кои се во конфликт со нивните вредности. Откако ќе ѝ вети на својата најдобра другарка, која е на смртна постела, дека ќе се грижи за нејзиниот син, Снежана станува „мајка“ на Боби, 20-годишен arkoman. Маја е „волк самотник“, не комуницира „очи в очи“ со луѓе, а Игор е „риба надвор од вода“, има Аспергер синдром. Иако не би требало да имаат прилика да се сретнат, тие се сретнуваат и се вљубуваат. Никола, Горазд и Дејан се другари од детство, „маалска екипа“ која се мачи да се прилагоди на овој нов свет, дехуманизиран од виртуелната комуникација, релативизацијата на моралот и агресивната инвазија на политиката врз нивните животи“,  се вели во краткиот опис на сценариот на филмот.

Неконвенционална љубовна приказна, но и критика на нелибералното лицемерие, „Кајмак“, седмиот игран филм на Манчевски ја следи ситуацијата во две семејства. Едното се млада и добро ситуирана брачна двојка која се обидува да добие дете, а другото се нивните соседи, кои живеат во куќарка подеднакво шарамантно распадната како и нивниот брак. Првите својот проблем ќе се обидат да го решат со роднина од село која ќе се всели кај нив, а вторите со примање на продавачката на кајмак во нивната заедничка постела. И двете семејства си ја бараат среќата, секое на свој начин. Оваа црна комедија под површината се занимава и со помрачни социјални прашања – сурогат родителство, неверство, улогата на жената во семејството и општеството, трговијата со луѓе, сексуалната слобода  итн., а светската премиера ја имаше на Токискиот филмски фестивал во 2022.

„Од рајот“ е филмска алегорија со елементи на црна комедија кој е инспирирана од трите приказни на францускиот писател Марсел Аиме. Приказните за влијанието на чудата врз посткомунистичкото општество во транзицискиот период се одвиваат во 1993-та, 2001-ва и 2026-та година.

Појавата на чуда е одговор на колективната свест на промените, кои ја присилуваат целата заедница светот околу себе, превртен наопаку да го гледа воново светло и чудесна перспектива. Овој филм поставува некои од суштинските прашања на современиот свет – Веруваме ли во Христа или се поклонуваме на Златното теле – идолот кој ги опредметува парите, конзумеризмот и алчноста? Како да го разликуваме Божјиот Дар од Искушението на Ѓаволот? Кога е Божјата милост всушност клетва? Од рајот“ е филм кој поставува бројни прашања, но не нуди едноставни одговори.

„Од рајот“ премиерно беше прикажан на Интернационалниот филмски фестивал во Локарно, по што учествуваше на повеќе европски и балкански фестивали: Котбус, СинИст, Балкан Панорама, Острава Камера Око, Валенсија итн.