(ВИДЕО) Утре премиера на рокенрол-мјузиклот „Архангелот над Скопје“ во МНТ

По музиката од македонскиот рок бенд „Архангел“ создадена од музичарот и лиричар Ристо Вртев, режисерката Наташа Поплавска го постави рокенрол мјузиклот „Архангелот над Скопје“, чија премиера е в сабота (24 декември) во 20 часот во Македонскиот народен театар (МНТ).

„Приказната зборува за животот на градот Скопје во периодот на неговото созревање од 1990-те години на минатиот век па сѐ до денес. Урбаниот скопски живот ќе се прикаже преку животот на транзиционите деца кои сакаат да направат промена во културно-општествениот живот наспроти баналната стварност која ги фрла на маргините на општеството“, најавува екипата.

Advertisements

Претставата е во продукција на Здружението за развивање на уметност и културна соработка Арт медиа во соработка со МНТ и Театар Комедија, поддржана од Министерството за култура.

Учествуваат: балерината и првенка на Националната опера и балет (НОБ), Мирјана Поп-Алексова и актерите: Нина Елзесер, Стефан Спасов, Јована Спасиќ, Антонио Ташковски, Ања Митиќ, Лазар Христов, Ана Грамосли, Гоце Андонов, Катерина Јовановиќ, Ведран Чешарек, Ана Јовановска, Кире Ацевски, Мина Јелушиќ, Марија Талеска, Мартина Даниловска и Марко Младеновиќ.

Во музичката екипа се: Зоран Костадиновски – гитара, Виктор Николовски – бас гитара, Благоја Антовски – тапани, Сашко Николовски – тромбон, Кирил Кузманов – саксофон и Трајче Велков – труба.