Во очи Крстовден, два крста кои беа испратени на реставрација вратени во Бигорскиот манастир

Денеска на Свештениот Бигорски Манастир „Свети Јован Крстител“ му беа донесени двата реставрирани литиски крста од драгоцената манастирска збирка на старини. Овие уникатни реликвии, сотворени од легендарните бигорски зографи Михаил и син му Даниил јеромонах, му беа предадени на Игуменот на Обителта, Епископот Антаниски г. Партениј, од страна на претставници од НУ Национален конзерваторски центар – Скопје, информира Бигорскиот манастир.

Посебно значајно, како што велат, е тоа што денеска присутни во манастирот биле и конзерваторите советници Јехона Спахиу Јанчевска и Невенка Величковска, кои вложија огромни напори и извонредно стручна посветеност во нивната конзервација и реставрација и лично ги донесоа крстовите.

Advertisements

„Тие беа топло пречекани од страна на нашиот Старец и Игумен на Обителта, Епископот Антаниски г. Партениј, кој им изрази голема благодарност за нивната стручна и макотрпна работа, љубов и посветеност кон зачувувањето на ова свето наследство. Тој исто така го изрази своето задоволство поради мошне стручниот и научен пристап кон целиот процес.

Конкретно, станува збор за: 1. Процесиски крст – Распетие/Богојавление, рег. бр. 23369 и 2. Процесиски крст – Распетие/Преображение, рег. бр. 23370. Двата процесиски крста се датирани во четириесеттите години на XIX век. Иконописот е атрибуиран на зографите Михаил и Даниил од Самарина, додека резбата се смета дека ја изработиле мијачките резбари“, велат од Бигорскиот манастир.

Конзерваторско-реставраторските работи на двата процесиски крста ги изврши стручниот тим од НУ Национален конзерваторски центар – Скопје. Раководител на конзерваторските истражувања и на Проектот за конзервација и реставрација е д-р Јехона Спахиу Јанчевска, историчар на уметноста, советник конзерватор, додека раководител на непосредната заштита, односно на конзерваторско-рестравраторските работи е м-р Невенка Величковска, сликар, советник конзерватор. Во стручните тимови зедоа учество и Игор Кавкалески, сликар, конзерватор; Андреј Анастасов Даскаловски, графичар, конзерватор; Виктор Ирвин Иванов, фотограф и Никола Ангеловски, столар, сите вработени во НУ НКЦ – Скопје.

Конзерваторско-реставраторските зафати се однесуваа на носачот, резбата, подлогата, боениот слој, позлатата, заштитниот слој и металните држачи. Скршените делови од резбата се вратија на своите места, а за враќање на одреден откршен дел од изрезбан ружин цвет се преземаа минимални реставраторски интервенции. Ретушот се изведуваше во соработка меѓу сликарот конзерватор и историчарот на уметноста. Металните држачи беа исправени и беа премачкани со цел нивна заштита. Во текот на непосредната заштита наменски се изработија и постаменти со држачи, кои се дарение од страна на стручниот тим.

Двата процесиски крста имаат стилска и хронолошка блискост и со други дела, особено со други два процесиски крста, исто така од Бигорскиот манастир Свети Јован Крстител, коишто се атрибуираат на зографите Михаил и Даниил од Самарина и на мијачките резбари. Двата литиски крста ќе бидат составен дел од богатата манастирска ризница со милениумска историја.

Интересно е да се напомене дека крстовите, по Божја промисла, му се враќаат на Бигорскиот Манастир во пресрет на празникот Воздвижение на Чесниот и Животворен Крст – Крстовден.