Српскиот тренер и поранешен кошаркар Далибор Диксон Дестановиќ (47) почина од срцев удар.
Дестановиќ во последните седум години работеше во Романија, во градот Галати, во тимот на Феникс.
Според информации од Романија, трагедијата се случила во теретана.
Тажната вест ја објави и неговиот поранешен клуб Радник од Бјелина.
„Кошаркарскиот клуб Радник со голема тага и жалење ја прими веста за прераната смрт на нашиот поранешен кошаркар и голем пријател Далибор Дестановиќ.
Популарниот Диксон мина неколку сезони во нашиот клуб и со Радник ја освои титулата шампион на Република Српска. Иако неговото кошаркарско патување го однесе подалеку во светот, тој секогаш ја истакнуваше љубовта кон нашиот клуб и пријателите кои ги стекна во Бјелина.
Упатуваме искрено сочувство до неговото семејство и пријателите. Нему вечна слава и пофалба. Почивај во мир пријателе“, се вели во соопштението на КК Радник.
Дестановиќ својата кошаркарска кариера ја започна во 1991 година во Напредок од Алексинац, кој исто така ја објави тажната вест на социјалните мрежи.
Како играч, популарниот Диксон остави длабока трага во Бугарија, но и во Република Српска. Професионалната играчка кариера ја заврши во Напредок, а последниот натпревар го одигра во 2012 година.
Тренерската кариера ја започна и во Напредок, но по неколку години реши да замине во странство.