УБАВА ВЕСТ ЗА ПЕНЗИОНЕРИТЕ – Еве кога минималната пензија од 13.000 денари ќе порасне на 20.000 денари

Осврнувајќи се на ветувањата на ВМРО-ДПМНЕ за линеарно зголемување на пензиите од 5.000 денари, вицепремиерот за економски прашања и потпретседател на СДСМ, Фатмир Битиќи во интервју за Слободен печат истакна дека тоа е популистичка мерка која потсетува на поранешни алатки на ВМРО-ДПМНЕ за манипулација на пензионерите.

Според него, мерките што СДСМ ги предлага за пензионерите се издржани и далеку поефикасни.

„Убаво е пензионерите да слушнат дека ќе има покачување од 5.000 денари, но уште поубаво е кога ќе им кажеме дека минималната пензија ќе биде 20.000 денари, а сега е на ниво на 13.000 и нешто. Дали е подобро 7.000 наспроти 5.000? Просечната пензија во државата ќе биде 30.000 сега е 19.700, тоа е 10.000 денари повеќе и тоа е повеќе од 5.000 денари. 5000 денари што ВМРО-ДПМНЕ ги нуди се 500-те денари на Груевски. Ние не зборуваме ниту за 500 ниту за 5.000 денари, ние зборуваме за минимална пензија од 20.000 денари, за просечна пензија од 30.000 денари во 2028 година“, рече Битиќи.

Advertisements

Тој најави и дополнителна мерка за поддршка на пензионерите која би се исплаќала на крајот од секоја година.

„Независно од усогласувањата, ние имаме и уште една мерка, подарок од 100 евра односно 6.000 денари за сите пензионери. Сите ќе добијат по 6.000 денари плус на крајот на годината за да можат да си приуштат повеќе за Нова Година, за Божиќ заедно со нивните деца и внуци“ посочи Битиќи.

„Просечната пензија ќе биде 30.000 денари, што е зголемување од скоро 9.000 денари или над 40% до 2028 година. Овие покачувања ќе се случат како резултат на новата методологија за пресметка на пензиите која оваа Влада ја воведе со измена на Законот за пензиско и инвалидско осигурување.

На овие покачувања, новата Влада предводена од СДСМ ќе обезбеди и новогодишен пакет од 6.000 денари за секој пензионер“, изјави Фатмир Битиќи, коносител на листа на кандидати за пратеници од Изборна единица 2, на „Коалицијата за европска иднина“.

Зборувајќи за зголемување на минималната пензија, Битиќи истакна дека во следниот мандат истата ќе се зголеми на ниво од 20.000 денари, што би било зголемување од 45% до 2028 година.

Битиќи посочи дека во изборната програма предвидено е и енергетски додаток во износ од 1.500 денари за секој пензионер во периодот од октомври до март, односно во времетраење на грејната сезона, со што, како што рече тој, ќе го заштитиме стандардот на нашите највозрасни сограѓани.

„Ова значи дека секој наш пензионер ќе добива по 15.000 денари дополнително годишно, надвор од редовното покачување на пензијата која му следува по закон“, рече Битиќи.

Тој потсети дека минималната пензија во 2016 година изнесуваше 8.900 денари и истата е зголемена за 5.000 денари, и сега изнесува 13.900 денари, што е зголемување за 55% за период од седум ипол години.

„Просечната пензија која во 2016 година изнесуваше 13.800 денари, ја покачивме за 7.600 денари и сега таа изнесува 21.400 денари, или тоа е раст од 55%“, рече Битиќи и истакна овие достоинствени покачувања на пензиите се постигнати и ќе продолжат да се постигнуваат со домаќинско менаџирање со фондот за ПИОМ.

„Тотална спротивност се празните ветувања на ВМРО кое свесно им ветува зголемување од 5.000 денари, кое никогаш нема да се случи, затоа што ни самиот фонд за ПИОМ, ниту централниот буџет може да го понесе товарот од дополнителни 330 милиони евра годишно, за да се оствари ова ветување“, рече Битиќи, притоа порачувајќи дека „Коалицијата за европска иднина“ предводена од СДСМ носи напред, домаќински раководи со државниот буџет и се грижи за сите граѓани.

„Пензионерите да се мирни, бидејќи ние мислиме за нивниот удобен и достоинствен живот“, порача од пред пензионерскиот дом во Чаир Фатмир Битиќи, коносител на листа на кандидати за пратеници од Изборна единица 2, на „Коалицијата за европска иднина“.