ПОЧИНА ГИТАРИСТОТ НА НАЈПОЗНАТАТА МАКЕДОНСКА АКУСТИЧАРСКА ГРУПА Колегите и пријателите се простуваат од Јане Пенов – Цевка

Почина македонскиот музичар Јане Пенов – Цевка.

Беше гитарист на „Макакус“, славниот македонски бенд кој од 70-ите и почетокот на 80-ите години.

Групата беше позната и на просторите на поранешна Југославија, а еден од вокалистите беше Џина Папас Џокси кој со трогателна посвета се прости од својот другар.

„Со него ме врзуваат едни од најубавите години од животот – времето кога бевме дел од МАКАКУС (Македонски акустичари). Заедно ги освојувавме најзначајните награди за млади музичари, создавајќи музика што се издвојуваше по својата тежина, оригиналност и храброст. Неговото влијание врз моето творештво беше огромно. Често знаеше да каже: „Мора да создадеме песни што никој нема да може да ги отсвири.“ И навистина, така и беше.

Се нижеа песни со свој печат – „Сладолед за чавки (Непотребни мушички)“, „Големиот шеф“, „Се врати блудниот син“, „Кловн и кукла“, „Обоена светлина“… – препознаени и од публика и од стручни жирија.

Вежбавме неуморно, по 12 часа дневно во Домот на млади „25 Мај“. Од жиците прстите ни крвареа, но знаевме зошто го правиме тоа. Свиревме грб со грб, дури и со врзани очи – музиката што ја создававме беше нешто што тешко се опишува со зборови.

Advertisements

На пробите често имавме публика, сведоци на неговите идеи и начинот на кој ја градеше секоја песна. Тоа беше фасцинантно. Ретко видена креативност.

Не ја преболе лесно пропуштената шанса да го снимиме албумот за ПГП РТБ. Со разочарување велеше дека тие што одлучуваат – не ја разбираат музиката. Со таа одлука ни се срушија многу соништа.

По шест години заедничка работа, патиштата ни се разделија, но пријателството остана. Останаа и спомените – длабоки, искрени и неизбришливи. Ти благодарам за сè“, напиша Џокси.

По распадот на групата, Пенов продолжи да работи како професор по класична гитара.