Дуда: Полска е подготвена да испрати тенкови Леопард во Украина

Полска е подготвена да испрати тенкови „Леопард“ во Украина што ги побара Киев, објави полскиот претседател Анджеј Дуда при посетата на градот Лавов во западна Украина.

Варшава е подготвена да испорача тенкови „во рамките на меѓународната коалиција“, рече Дуда по состанокот со неговите колеги од Украина и Литванија.

Advertisements

„Како што знаете, има голем број формални услови кои мора да се исполнат, но пред се сакаме ова да биде меѓународна коалиција“, рече Дуда, додавајќи дека смета на придонесот на другите земји во испораките.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски го поздрави потегот, но рече дека очекува „заедничка одлука“ во која ќе бидат вклучени и други земји кои сакаат да испратат напредни борбени тенкови „Леопард“.

„Не може да ни помогне само една земја“, рече тој.

Тој додаде дека се надева дека денешниот ден ќе има позитивна одлука на друга земја за снабдување со модерни тенкови од западен тип, без да ја именува земјата.

На истата прес-конференција, литванскиот претседател Гитанас Наузеда најави дека неговата земја ќе испрати противвоздушни системи и муниција во Украина.