Иранскиот претседател Ебрахим Раиси и министерот за надворешни работи Хосеин Амир Абдолахиан, загинаа во хеликоптерска несреќа во северозападен Иран.
Леталото се урнало додека минувале планински терен во густа магла, потврди иранскиот потпретседател.
Државната телевизија објави фотографии од локацијата кои покажуваат дека воздухопловот удрил во планински врв, иако нема официјални информации за причината на падот. Шефот на Црвената полумесечина, рече дека телата на претседателот и неговата придружна делегација се транспортираат, а операцијата за пребарување е завршена.
„Хеликоптерот со г. Раиси, популарниот претседател кој вчера отпатува во провинцијата Источен Азербејџан за да ја отвори браната Кода Афарин и неколку други национални и провинциски проекти, се урна додека се враќаше од браната и се движеше кон рафинеријата во Табриз, поради лоши временски услови“, изјави на ТВ канал на Исламската Република Иран.
Снежните врнежи, густата магла и непристапниот терен ги отежнаа спасувачките напори. Според иранските власти, леталото со кое патувал 63-годишниот ирански шеф на државата било дел од конвојот од 3 хеликоптери кои се враќале од границата со Азербејџан. Пријавено е тешко слетување додека минувале планински терен, по што се губи секаква трага на воздухопловот.
„Почитуваниот претседател и придружбата се враќаа од посета на граничната област со неколку хеликоптери. Еден од хеликоптерите беше принуден да слета поради лошото време и маглата“, изјави Ахмад Вахиди, министер за внатрешни работи на Иран.